Кошарка

Промовиран Врбица Стефанов, новиот стратег на МЗТ

17.10.2014 16:05

 
По турбулентниот почеток на новата сезона, дома и на Јадранот, во Аеродром се смирија ветриштата. Таков беше карактерот на Врбица Стефанов на паркетот, таков би требало да го видиме и како тренер. Играчите веднаш ја почувствувале разликата во атмосферата, иако новото лице на клупата ги водеше на само еден тренинг.
 
 
По турбулентниот почеток на новата сезона, дома и на Јадранот, во Аеродром се смирија ветриштата. Таков беше карактерот на Врбица Стефанов на паркетот, таков би требало да го видиме и како тренер. Играчите веднаш ја почувствувале разликата во атмосферата, иако новото лице на клупата ги водеше на само еден тренинг.
 
„Заминувањето на главните играчи од МЗТ Скопје Аеродром беше најголемиот шок во екипата, тоа се кошаркари што се многу квалитетни, го носеа тимот во претходните 2-3 сезони и кои што слободно може да играат на највисоко европско ниво, во Евролигата“ – рече Стефанов.
 
Не учествуваше во изборот на играчите на стартот на сезоната и наследува практично туѓа селекција, но не сака тоа да му биде изговор за евентуалните неуспеси. За нови имиња не се размислувало затоа што времето било кратко, но има еден кошаркар што Врба сигурно сака да го види во Јане Сандански: „Дамјан Стојановски, а тоа зависи од него и од неговата менаџерска куќа.“
 
На прашањето колку ќе се задржи на клупата на МЗТ, Стефанов кратко прокоментира: „Немам договор, не сум разговарал ни за финансии. Може уште утре да ме избркаат. Тоа е Врбица.“
 
Огненото тренерско крштевање на Врба, на клупата на МЗТ Скопје, каде што играше долги 6 сезони, ќе биде в сабота во 21 часот, во живо на МТВ. Во Аеродром доаѓа унгарскиот претставник во АБА лигата, Солнок, а Стефанов најави дека ќе видиме едно ново лице на нашиот трикратен шампион, со голема минутажа за младите кошаркари што го носат сино-белиот дрес.
 
На стартот на прес конференцијата, Стефанов се осврна и на нападот на Перо Антиќ по социјалните мрежи, изјавувајќи дека веќе не може да толерира такво однесување. Според Стефанов, Антиќ е главната причина за негово заминување од директорската позиција во „А“ селекцијата, едноставно неможејќи да се помири со недисциплината, нешто што било толерирано од страна на македонската куќа на кошарката.
 
Стефанов се осврна и на периодот кога Антиќ во улога на капитен заговарал да нема тренинзи во репрезентацијата, на денот кога тој (Стефанов) и Мерџановски (директорот на репрезентациите) го молеле екс селекторот Јовица Арсиќ да го врати Антиќ во репрезентацијата откако овој (Антиќ) на тренинг со тупаница го удрил соиграчот Синиша Аврамовски.
 
Стефанов кажа и два пати го сопирал кондицискиот тренер Сандро Бенкардино да не го напушта нашиот табор на олимписките квалификации во Венецуела, кога Италијанецот почувствувал дека кошаркарите се однесуваат како на екскурзија... и многу други пикантерии кои што не и беа познати на широката јавност.