Потврдени економските перформанси на македонската економија
Регионалниот директор на Банката за земјите од Западниот Балкан, Елен Голдстејн очекува од земјава солиден економски раст годинава, кој би можел да биде и повисок доколку не се лошите перформанси на земјите од блиското окружување...

Светска банка ги потврди економските перформанси на македонската економија и ја одобри Стратегијата за партнерство. Таа предвидува следниве четири години користење на 400 милиони долари, што треба да овозможат повисок економски раст кој ќе резултира со креирање нови работни места.
Регионалниот директор на Банката за земјите од Западниот Балкан, Елен Голдстејн очекува од земјава солиден економски раст годинава, кој би можел да биде и повисок доколку не се лошите перформанси на земјите од блиското окружување.
„Бавниот економски раст низ цела Европа ќе има назадувачко влијание врз економиите на Западниот Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Очекуваме релативно силен економски раст на Македонија оваа година. Некаде од 3,5 %, а можеби и 3,7%. Но, јасно е дека бавниот економски раст во земјите како Грција, Италија и Јужниот дел на Европа ќе влијае врз побарувачката за извоз од Македонија. И приливот на средства од македонската дијаспора низ Европа. Ова е широк спектар на ефекти што ќе ја спречат Македонија да постигне оптимален и повисок економски раст“, вели Елен Голдстејн, Светска банка- Вашингтон.
Зависно од пазарните услови Македонија може да очекува и дополнителни 80 до 100 милиони долари годишно поддршка од Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ и гаранции од МИГА.
Бордот на директори на банката смета дека Македонија има солидни резултати во прудентното макроекономско управување, успеа да го одржи растот и да ја зголеми вработеноста и тоа во услови на глобална криза. Стапката на невработеност е намалена од 36% на 28% што зборува за добро макроекономско менаџирање, кое дава резултати.
Според Татјана Проскјурјакова, директор на Светска банка во земјава, Македонија благодарение на структурните реформи и на доброто управување остварила солиден раст кој се зголемува, а расте и вработеноста.
Банката најави силна поддршка во следните 4 години пред се преку проекти во транспортот, енергетската ефикасност, управувањето со јавните финансии и социјалната заштита.
Свето Николовски
