Голема загаденост на воздухот во Тетово

17.10.2014 17:22

Тетово е меѓу трите градови во земјава со најзагаден воздух според концентрацијата на ПМ 10 честички. Експертите сметаат дека со започнувањето на грејната сезона состојбата се влошува. Лекарите со свои препораки...

Погледот низ тетовските населби оддава впечаток дека градот е постојано маглив. Граѓаните се жалат поради непријатната миризба во воздухот. Некои почувствувале и здравствени проблеми.

„Имаме здравствени проблеми, треба да се превземат некои мерки. Вчера беше за никаде, магла ли беше или чад, господ знае. Загаденоста многу се чувтсвува“, велат жители на Тетово.

Концентрацијата на ПМ 10 честичките во воздухот е високо над дозволеното. Загадуваат преголемиот број возила, индустриските капацитети, домаќинствата кои се загреваат на дрва или нафта.

Мерната станица во Тетово е во дворот на гимназијата во централното градско подрачје. Денеска околу пладне извери 400 микрограми на метар купен ПМ 10 честички.

Експертите препорачуваат да се внимава на здравјето, особено хроничните болни. Да не се излегува надвор во текот на денот кога загаденоста е најголема, просториите да се проветруваат, но преку клима уредите, да се оди на излети на планина. Предупредуваат дека со доаѓањето на грејната сезона состојбата се влошува.

„Вие знаете дека 70 проценти од населението во Тетово се грее на дрва или нафта. Мое лично мислење, врз основа на проценка на анализите, е дека токму за 70 проценти во тој период ќе ни се зголемат вредностите на ПМ 10 честичките“, смета д-р Ратко Давидоски – Раководител на Центар за јавно здравје – Тетово.

Вчера концентрацијата на суспендираните честички се искачи на илјада. Ваков беше погледот кон Тетово од ридот Балтепе.

 

Зоран Јованоски