Мој Термнин покажа: д-р Маја Ивановска највредна докторка

17.10.2014 17:15

Системот Мој термин покажал дека од минатиот октомври до сега најмногу реализирани прегледи имала д-р Маја Ивановска, специјалист педијатар од Детската клиника. За 299 работни денови имала 7.352 прегледани дечиња, во просек по 24 дневно...

Само со љубов и трпение, со позитивна енергија и тимска работа може да се издржи одговорноста на еден педијатар низ чија ординација во Ургентниот центар на Детската клиника поминуваат илјадници мали пациенти. Системот Мој Термин покажал дека д-р Маја Ивановска за една година прегледала 7.352 дечиња, најмногу од сите лекари во земјава. Попладневните и ноќните смени носат и по 70 пациенти.

Затоа е тука тимот. Брзо се распоредуваат задачите, се згрижуваат дечињата, се смируваат родителите, но има моменти кога солзите не можат да се задржат.

Апелира за трпение и кај загрижените родители кои некогаш се и агресивни.

Денеска една мајка се породила во автомобилот пред да стигне в болница, но наместо приоритет за новороденчето, родителите во чекалницата барале да се почитува редот.

Не се жали, но укажува на пропусти во примарната здравствена заштита. Голем дел од малите пациенти не се за на клиника. Затоа д-р Маја и другите имаат толку работа.

Стресот и исцрпеноста ги амортизира со оптимизам, добра атмосфера во колективот и секако со поддршка од семејството.

 

Соња Стојановска