Иванов: Глобалните предизвици бараат глобален одговор
Низ Балканот, како европска порта кон медитеранот, рече шефот на македонската држава, за жал, се почесто се протнуваат борци кои се упатуваат кон кризните жаришта и тоа мора да се запре, пред се заради одговорноста кон чесните граѓани, но, и кон Европа кон која се стремиме. За соочување со заканата побара поддршка од странските партнери...

„За глобалните предизвици неопходен е глобален одговор - да им се затвори портата за сите оние кои сакаат да ги инфицираат нашите општества со погубните идеологии“ - порача претседателот Ѓорге Иванов на форумот Кран Монтана на кој денеска се дебатираше за побезбеден свет со посебен акцент на Балканот.
Низ Балканот, како европска порта кон медитеранот, рече шефот на македонската држава, за жал, се почесто се протнуваат борци кои се упатуваат кон кризните жаришта и тоа мора да се запре, пред се заради одговорноста кон чесните граѓани, но, и кон Европа кон која се стремиме. За соочување со заканата побара поддршка од странските партнери.
„Сите држави во регионот кои се надвор од ЕУ и НАТО не можеме сами да одговориме на овие предизвици. Имаме ограничени капацитети. Затоа ни се потребни партнери, со кои можеме да изградиме капацитет и да се спротивставиме на насилниот екстремизам и радикализмот. Можеме и мораме да им го одземеме на екстремистичките групи оној ресурс што им е најпотребен – нови регрути“, рече претседателот Иванов.
За шефот на македонската држава, тој што комуницира се интегрира, а тој што не комуницира се гетоизира и создава непријатели посочувајќи дека меѓурелигиските конфликти се резултат токму на отсуството на дијалогот, а Балканот тоа многу добро го знае. Затоа, во време кога раните на балканот почнаа полека да зараснуваат и кога мирот и безбедноста почнале да се шират, треба итно да се дејствува за повторно да не се разниша тоа што е постигнато.
„Со почитување на различноста да ја надградиме традицијата на толеранција кон различноста. Бидејќи, честопати, се толерира она што се мора, а се почитува она што се сака. Од овде, ги повикувам лидерите од сите општествени сфери да се вклучат поактивно во иницијативата каква што е алијансата на цивилизациите. Верувам, удебен сум дека најдобрата превентива против секој облик на насилен екстремизам и радикализам е токму афирмацијата на филозофијата на почит кон различностите“, нагласи Иванов.
Тој претходно имаше средба со високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Ал Хусеини. Почитувањето на човековите права и промоцијата на пораките за побезбеден Балкан и свет остануваат заложба на Македонија. Потврда за тоа, како што вели претседателот Иванов, е македонскиот модел на интеграција без асимилација и почитување на посебностите на заедниците.
Утре на агендата на Иванов е средба со македонската заедница во Швајцарија.
Стојан Трпчевски, специјален известувач од Женева за МРТ
