САД почнаа со тестирање на вакцина и лек против ебола
Соединетите Американски Држави почнаа тестирање на вакцина и лек против ебола. Научниците во Националните Институти за здравје во Бетезда, Мериленд велат дека лек против ебола би се нашол побрзо ако имало повеќе финансиски средства за овој најдобар медицински истражувачки центар во Америка. По паниката од еболата во САД, Белата куќа одобри средства и презема чекори за спречување на ширењето на еболата на американско тло...

По успешното тестирање врз животни, вакцина против ебола почна да се тестира во Националните Институти за здравје во Бетезда, Мериленд. Волонтерите се 39 здрави војници коишто под раководство на полковник медицинар од американската армија од 2-ри септември се првите луѓе коишто добија експериментална вакцина против ебола. Волонтерите не можат да се заразат со ебола бидејќи вакцината не го содржи целиот вирус. Ако ова тестирање успее, ќе се изведе тестирање уште врз 50 волонтери, а потоа ако се одобри, вакцината може да се произведува во Германија. Надлежните велат дека вакцината против ебола може да биде достапна наскоро, а не по неколку години.
„Мислам дека делумно разбираме како функционира вакцината, но треба да знаеме целосно. Дел од истражувањето се уште е на научна база. Правењето подобра вакцина е нашата цел. За тоа ќе бидат потребни неколку години. Тестирањето е во првата фаза, но мислиме дека сме на добар пат“, изјави д-р Џон Маскола, Директор на Истражувачки центар за вакцини.
Првата медицинска сестра Нина Фам којашто се зарази со ебола при лекувањето на Либериецот Томас Данкан во болницата во Далас, е пренесена во специјална соба во Националните Институти за здравје во Мериленд. Овие институти иако се врвот на медицинските установи во Америка, сепак можат да се грижат само за двајца пациенти заболени од ебола. 26-годишната Нина Фам е првиот пациент којшто освен трансфузијата со крв од излечениот американски лекар, ќе добие и експериментално лекување што треба да го забрза нејзиното оздравување.
Се повеќе Американци сакаат да видат забрана за влез за државјаните од земјите заболени со ебола во Западна Африка, но американскиот претседател Барак Обама се уште не се одлучува на овој чекор.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
