Иванов: Ни требаат лидери кои ќе знаат да се справуваат со различноста
„На младите луѓе треба да им оставиме свет во кој ќе се почитуваат, ќе ја почитуваат различноста и ќе живеат со неа. Македонија на балканот гради таков модел“ - рече шефот на македонската држава откако го доби признанието...

За активности во општествените области и за посветеност во одбрана на фундаменталните слободи - награда од фондацијата „Кран монтана“ за 2014-та година за претседателот, Ѓорге Иванов.
„На младите луѓе треба да им оставиме свет во кој ќе се почитуваат, ќе ја почитуваат различноста и ќе живеат со неа. Македонија на балканот гради таков модел“ - рече шефот на македонската држава откако го доби признанието.
Кажа дека наградата не е само за него, туку и награда за Република Македонија и нејзиниот придонес во мирот и просперитетот на регионот.
„Јас сум горд што тоа што го прави Македонија е се повеќе она со кое ќе се соочува светот во иднина, оти сите општества во иднина ќе бидат мултиетнички, мултирелигиозни и мултијазични. Нас ни требаат лидери кои ќе знаат да се справуваат со различноста, не да ја уништуваат различноста“, нагласи претседателот Иванов.
Годинава, освен претседателот Иванов, на листата наградени се и генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ.
Од Женева, претседателот Иванов замина за Нион на средба со претставници на форумот на македонската заедница. Ги повика да ги разгледаат бизнис-можностите за инвестирање во матичната држава.
Со средбата со македонските друштва во Нион заврши посетата на претседателот Иванов на Швајцарската Конфедерација. Во неа во моментов живеат 90 илјади македонски државјани.
Стојан Трпчевски, специјален известувач од Нион за МРТ
