Туристичката сезона- ништо полоша од претходната

18.10.2014 16:59

Статистичките податоци покажуваат дека главната туристичка сезона на охридското крајбрежје во 2014-тата не била ништо полоша од претходната година. И оваа година најбројни биле турските туристи, а холанѓаните пак остварија најголем број ноќевања...

Турците оваа сезона беа најбројните странски туристи на охридското крајбрежје. Тие реализирале на 9.700 посети, со околу 14.000 ноќевања. Иако се на втората позиција холанѓаните оствариле далеку поголем број ноќевања, односно над 43.000. Негативната медиумска кампања придонесе да има помалку домашни туристи, велат од охридската локална самоуправа, но забележително е тоа што доаѓаат поквалитетни гости.

„Од нашите анализи иако бројот на домашни туристи во текот на летниот период е намален, приливот на средства кај угостителите е зголемен. Тоа го кажувам не како мој личен став, туку од она што сум имал прилика да го добијам како информација од угостителските работници“, вели Ѓоко Апостолов, раководител на ТЛЕР-општина Охрид.

За наредната година очекувањата се далеку поголеми, кога се работи за странските туристи. Бидеќи покрај за веќе традиционалните гости, Македонија и Охрид стануваат се попривлечни и за туристите кои преферираат активен туризам.

„Од мојот неодамнешен престој тука можам да истакнам дека Македонија е одлична дестинација за авантуристички туризам. Сметам дека властите тука имаат концепт за успешно реализирање на плановите за промовирање на авантуристичкиот туризам на големиот северноамерикански и западноевропски пазар“, смета Крис Дојл, извршен директор за Европа на меѓународната асоцијација за активен туризам.

Во моментот во Охрид престојуваат гости кои во просек дневно трошат од 10 до 30 евра. Најавената изградба на четири луксузни хотели треба да придонесе на охридското крајбрежје да доаѓаат и поелитни туристи,со што ќе се измени и структурата на посетителите.

 

Сашо Нелоски