Ветерот ја истера маглата и го исчисти воздухот
Карактеристично во зимската сезона, годинава магла падна уште во октомври. Надлежните подготвуваат сет мерки, но најефикасен лек за смогот е сепак ветрот...

Ветерот ја намали загаденоста на воздухот. По неколкудневните високи концентрации на штетни честички во Скопје и Тетово денеска полесно се дише. Но, граѓаните сеуште стравуваат да не се повтори минатогодишното сценарио кога во месец октомври дозволениот индекс на штетните канцерогени честички беше неколку пати повисок.
Индустријата, автомобилите, греењето на дрва, сите се причинители за загаденоста. Спортистите советувааат - возете велосипеди.
„Во глобала дишеме многу лош воздух, затоа што сите возат автомобили, но е потреба за да се стигне од едно до друго место. Мислам дека треба повеќе да се возат велосипеди. Ете Град Скопје нуди велосипеди по 10 денари од час“, вели боксерот Вели Мумин.
„Мора секогаш да се трудиме загаденоста да биде на едно пониско ниво. Тоа е нешто основно за нашето здравје. Се надевам дека ќе се превземат мерки за загаденоста, да се направат филтри на сите фабрики, а автомобилите да се возат со нови стандарди и еколошки мотори“, смета Игор стефановски, автомобилист.
Со повеќе од 30- тина насто сообраќајот е причинител на загаденоста. Надлежните тврдат- се прави мониторинг преку мерните станици, ситуацијата не е алармантна.
Се преземаат мерки. До 31-ви октомври поголемите индустриски капацитети мора до го исполнат законот. Интегрирани дозволи – еколошко производство. Но, мора да се промени и свеста кај граѓаните.
Градоначалникот Коце Трајановски најави дека по зголемената загаденост на воздухот со канцерогени честички, скопските улици ќе се прскаат со калциум- магнезиум ацетат, со шест цистерни, со што штетните честички се претвораат во смеса при поминување на возилата и остануваат на земја наместо да одат во атмосфрата.
Александра Перевска
