Индустриски зони: Нови вработувања и локален економски развој за Виница и Берово

18.10.2014 19:40

Се градат две нови индустриски зони во Источна Македонија, едната во Виница, другата во Берово. Ќе бидат готови до средината на следната година. Простор за дваесетина нови инвестиции што треба да го подигнат животниот стандард во овој дел од држвава. Надлежните најавуваат до крајот на годинава новонајевените странски инвестиции да вработат 3.500 луѓе...

Две нови индустриски зони ќе никнат во источниот дел на земјава со што бројката се заокружува на вкупно петнаесет во цела Македонија. Технолошко индустриската зона кај Виница ќе се простира на 20 хектари, во парцели на кои ќе можат да се сместат десет компании. Инвестициите што се очекуваат ќе овозможат нови вработувања и локален економски развој на општините.

„Локацијата за изградба на оваа зона не е нималку случајна. Ова место се наоѓа на околу 2 километри од Виница, на околу 5 километри од Зрновце и 10 километри од Кочани. Овие три места, како и сите околни населени места ќе можат во целост да одговорат на барањата на инвеститорите за работна сила од секаков тип“, нагласи премиерот Никола Груевски.

Зоната се наоѓа веднаш до патот, а особено важно за неа е изградбата на автопатот Скопје – Штип и предвидените инвестиции за изградба и реконснтрукција на другите патишта во овој дел од земјата.

„Ќе се овозможи многу подобра и побрза сообраќајна комуникација и од оваа зона, што значи дека компаниите кои ќе се лоцираат тука многу полесно ќе може да ги пласираат совите производи во странство“, рече директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Освен Виница, слободна индустриска зона ќе добие и Берово. Во првата фаза од реализацијата ќе бидат вложени половина милион евра со кои ќе се изгради внатрешната инфраструктура.

„Се остварува диверзификацијата на можностите за привлекување на странските ивнеститори. Се создаваат услови за локален економски развој“, изјави министерот за економија, Беким Незири.

Зоните и трката по странски инвестиции се стратешка определба на актуелната влада за економски развој на земјата. Од октомври 2006-та кога беше ставен камен темелникот на првата фабрика на Џонсон Контролс во Бунарџик во Македонија инвестираа голем број светски познати компании. Вработија повеќе од 10.000 луѓе и помогнаа македомнската економија полесно да ја преброди глобалната финансиска криза.

„Една од нашите мерки е изградбата на технолошко- индустриските зони во државата, проект кој полека но сигурно влегува во својата финална фаза. Целосно во функција се двете зони во Скопје, зоната во Штип. Зоната во Тетово веќе стана операбилна, а во изградба се зоните во Кичево, Прилеп, Гевгелија...“, нагласи премиерот Груевски.

Во зоните се планира изградба на внатрешна улична мрежа, довод на вода, струја и гас, канализациска инфраструктура за прифаќање на атмосферските и отпадни води.

 

Дијана Ценевска