Зоран Поповски, нов директор на Агенцијата за храна и ветеринарство
Има работно искуство во повеќе домашни прехранбени компании, и поголем број на домашни и меѓународни сертификати, а водел и проекти од областа на квалитетот на храната во Белгија...

На минатата седница Владата на Република Македонија го именувала Зоран Поповски за нов директор на Агенцијата за храна и ветеринарство. Поповски има завршено Факултет за земјоделски науки и храна во Скопје, а дипломската работа ја одбранил на Факултетот за земјоделски науки и биотехнологија во Гент, Белгија. Тој има звање магистер по безбедност и квалитет на храна, кое е добиено по завршувањето на мултидисциплинарните постдипломски студии кои заеднички ги спроведуваат Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, Универзитетот во Гент, Белгија и Универзитетот во Рен, Франција.
Има работно искуство во повеќе домашни прехранбени компании, и поголем број на домашни и меѓународни сертификати, а водел и проекти од областа на квалитетот на храната во Белгија.
Зоран Поповски се пријави на јавниот повик за ангажман на раководни позиции, низ процесот на селекција покажа најдобри резултати, и Владата на минатата седница го именуваше за директор на Агенцијата за храна и ветеринарство. Неговото стручно образование, проектите во кои учествувал, истражувањата кои ги правел, и ангажманот во приватниот сектор даваат една соодветна комбинација за квалитетен кадар од кој се очекува да продолжи со реформите и позитивната работа во Агенцијата. Има доста идеи за развој на сферата и за продолжување на реформите, и очекуваме позитивни резултати од неговата работа, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Досегашниот директор на Агенцијата, Дејан Рунтевски се повлекува од функцијата заради лични приватни причини. Од Владата велат дека тој постигнал многу позитивни резултати во работата и дека се благодарни за неговиот придонес.
