„Ден на гравот“ во тетовско Теарце
Манифестацијата „Ден на гравот“ традиционално по 5-ти пат се одржа во Теарце. Целта е да се промовира оваа земјоделска култура како препознатлива за овој регион, но и да се претстават храната и традицијата на различните етникуми што живеат во оваа мултиетнича средина...

Снежана Ристоска е производил на грав од Теарце. Од засеаните околу декар и половина добила ричиси 400 килограми тетовски грав. Вели дека годинава го има помалку и затоа е поскап, но е многу квалитетен. Цената се движи од 150 до 180 денари за килограм.
„Малку да има повеќе помош од Владата, да се субвенционира тоа што ќе се вложи, малку поевтини ѓубривата да бидат и младите повеќе да работаат“, вели Ристоска Снежана – Производител на грав.
Таа беше учесник на манифестацијата Ден на гравот што по петти пат се одржа во Теарце. На неа беше претставена локалната традиционална храна, рачни изработки и народни песни и ора карактеристични за оваа мултиетничка средина. Имаше учесници и од Косово. Се дегустираше и гравот.
„Тетовскиот грав е највкусен во околинава бидејќи е наводнуван и е крупен грав. Најдобар грав“, смета Мирко Ѓорѓески – готвач.
Организатор е Центарот за едукација и развој од Теарце со поддршка од општината преку програмата за развој на региони.
„Целта на оваа манифестација е преку креативен пристап да се покаже и промовира гравот како култура која потекнува од Теарце, дека по тоа сме познати“, изјави Лазар Ѓорѓески – Координатор на манифестацијата „Ден на гравот“.
Тетовскиот грав е заштитен како бренд, но сеуште нема заинтересиран што ќе го откупува и пласира на пазарот произведен според утврдените стандарди.
Зоран Јованоски
