Во Гостивар се гради црква прв пат по еден век
Во Гостивар започна изградбата на манастирски комплекс Преображение Господово. Темелите ги освети митрополитот тетовско – гостиварски г. Јосиф. Ново православно светилиште таму се гради прв пат по еден век...

Со песни и ора, запалени свеќи и молитва, гостиварци го прославија почетокот на изградбата на манастирскиот комплекс Преображение Господово на ридот во населбата Циглана.
За нив ова е голем ден зошто велат дека во градот православно светилиште се гради прв пат по повеќе од 100 години.
„Баш ме радува што во Гостивар се гради православно светилиште. Ова значи многу за нас родителите, ќе доаѓаме тука со малите деца. Можеме да се почуствуваме убаво, да се посветиме на својата религија, имаме со што да се гордееме“, велат жители на Гостивар.
Темелите ги освети митрополитот тетовско – гостиварски г. Јосиф. Повика верниците да допринесат за што поскора изградба на манастирот. Изрази надеж дека и кај тетовските локални власти ќе најде разбирање и дека наскоро и во Тетово ќе се изгради нова црква.
„Овде на ова прекрасно место кое навистина наликува на Таворската гора и не потсетува на преображението Христово, гостиварци ќе имаат место за своја духовна преродба, за духовно преображение“, рече г. Јосиф – Митрополит тетовско – гостиварски.
Од иницијативниот одбор очекуваат сите верници да придонесат во изградбата на манастирскиот комплекс.
„Ги повикувам сите наши пријатели, сограѓани и сонародници да помогнат во што поголем број и што побрзо да го изградиме ова свето место“, изјави Даниел Радевски – Иницијативен одбор.
Се очекува манастирскиот комплекс да биде изграден за неколку години. Со тоа гостиварци ќе добијат ново православно светилиште по повеќе од еден век.
Зоран Јованоски
