МВР ќе добие нов млад кадар

19.10.2014 17:22

Кандидатите треба да ги исполнуваат веќе познатите критериуми. Со физички проверки, писмено тестирање и здравствени прегледи ќе се утврдува психо-физичката способност на пријавените...

Нов бран на млад кадар ќе се вработи во Министерството за внатрешни работи. 400 полициски службеници ќе го засилат полицискиот тим. Утре ќе биде објавен огласот на кој ќе можат да се пријават кандидати до 25 години со минимум средно образование, без полициско досие.

„Министерството со кандидатот за полицаец што ја завршил основната обука и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг листата ќе склучи договор за вработување. Тие ќе бидат ангажирани на работни места кои се на територија на градот Скопје, дел ќе бидат во основниот состав, дел ќе бидат во посебните единици“, вели министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Кандидатите треба да ги исполнуваат веќе познатите критериуми. Со физички проверки, писмено тестирање и здравствени прегледи ќе се утврдува психо-физичката  способност на пријавените. При селекцијата ќе се води сметка за правична етичка и родова застапеност. Надлежните сметаат дека младите имаат амбиција и потенцијал и ќе ги освежат полициските редови.

„Трендот е нагорен и сметам дека од година во година ќе имаме одлични репрезенти во мвр во делот на базичното полициско постапување“, смета Гоце Бачанов – помошник-министер, раководител на секторот за обука при МВР- Идризово.

Ова е трет конкурс кој го објави Министерството за внатрешни. Полицијата ќе добие вкупно 1.100 нови млади службеници.

 

Сања Спиридонова