Апсење на таткото на Загреб: Политичка битка или камуфлажа?!
Загребскиот градоначалник се најде зад решетки по претресот на неговиот стан, под сомневања за голем број коруптивни дела. Акцијата почна по истрага на договор вреден околу милион евра меѓу градот и приватна компанија...

Загреб функционира – се фрла ѓубрето, трамваите возат, јавуваат хрватските медиуми, но на улиците одекнуваат реакциите по синоќешното апсење на градскиот татко Милан Бандиќ. Главните реакции од СДП и ХДЗ се најавени за подоцна денеска.
Загребскиот градоначалник се најде зад решетки по претресот на неговиот стан, под сомневања за голем број коруптивни дела. Акцијата почна по истрага на договор вреден околу милион евра меѓу градот и приватна компанија. Со него уапсени се претседателот на Управата на Загребскиот холдинг Слободан Љубичиќ и ко-сопственикот на ЦИОС Петар Припуз и уште 16 луѓе.
„Не се работи за само еден човек, туку за системот што го создаде. Мислам дека ова е почеток на процесот на реизградба и чистење на градските структури“, смета Јосип Крегар, независен пратеник.
Од партијата Зелена акција изјавија дека веќе 10 години предупредуваат на сомнителни пренамени на земјиште, нетранспарентни промени на урбанистичкиот план исоработка со сомнителни инвеститори.
Градските служби потсетуваат на својата кампања против градоначалникот „Матна вода“ за тешка финансиска малверзација при изборите во 2009. Екс министерот за наука, образование и спорт, Жељко Јовановиќ, пак, на Фејсбук објави дел од свое интервју од пред 4 години, во кое прогнозира дека УСКОК-от ќе се позанимава со Бандиќ и со поранешниот премиер Иво Санадер.
Хрватските медиуми се потсетија за гафовите со кои ги засмејуваше градоначалникот:
„Кој идиот го направи ова? Сакам да го запознаам. Земете друг проектант и нека направи како што му се кажува... Што треба да направам јас, да побегнам од Загреб? Или да ги ловам снегулките како Бетмен пред да паднат на асфалтот? Ќе го излижеме загребскиот асфалт и ќе го изедеме снегот ако треба да зборуваме фигуративно!“
Бандиќ обвинува за политички мотивиран случај, со цел да се сврти вниманието од судењето на поранешните припадници на југословенските и хрватски тајни агенти Јосип Перковиќ и Здравко Мустач во Минхен, за убиство на хрватскиот емигрантски политичар Стјепан Џурековиќ.
Ивана Салтировска
