Со превентивни активности да се спречи заминувањето на младите на странските боишта
Аналитичарите сметаат дека јакнењето на Исламската држава може да предизвика будење на радикалните исламисти на Балканот и во Европа. Безбедносните служби бараат начини за спречување на верскиот радикализам кај младите лица, а како главна причина за нивното заминување на боиштата во Сирија и Ирак се посочува злоупотребата на религијата...

Некои западни воено-политички аналитичари сметаат дека на боиштата во Ирак и Сирија се борат најмалку 300 лица од Балканот. Најголемиот број од нив се млади луѓе, кои под влијание на пропагандата, а најмногу заради злоупотреба на религијата станале дел од најкрволочниот режим во светот. Поради тоа европските безбедносни служби сметаат дека многу повеќе треба да се работи на превенцијата, во која главната улога ќе ја имаат семејствата, образовните институции, но и целото општество.
„Република Македонија во последната година навистина направи сериозни чекори за справување со ваквите предизвици. Кога велам сериозни чекори тука мислам на координација на безбедносните служби и секојдневна будност, пред се на Управата за безбедност и контраразознавање, меѓутоа и во смисла на зајакнување на правната рамка“, вели министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Измените на кривичниот законик со кои се санкционираат регрутираните лица и оние кои регрутираат, барем засега имаат минимални ефекти.
„Борците кои одат во Сирија и сега во Ирак го користат правото на три месеци престој и пробуваат да не го злоупотребат тоа,за да можат пак да влезат на таа територија, иако повеќе пати имаме повеќе лица кои биле повратници“, смета Тони Јакимовски, национален координатор за борба против тероризам.
Прашањето кое си го поставуваат безбедносните служби на европските држави е: колкава ќе биде опасноста од тие борци по нивното враќање во матичните земји. Поради тоа размената на информации кои се од витален интерес за секоја држава ќе имаат клучна улога.
Македонија одлично соработува со своите партнери и барем засега нема индикатори кои би укажале на било каков терористички акт,но сепак службите остануваат будни со цел такво нешто да не се случи.
Сашо Нелоски
