Распишан огласот за вработување на 400 полицајци во МВР
Кандидатите кои ќе ги исполнат условите и кои ќе бидат избрани по направената селекција, ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од една година...

Објавен е огласот за вработување на уште 400 полицајци, кои во подготвителниот период ќе потпишат договор за нивна селекција со Министерството за внатрешни работи.
Кандидатите кои ќе ги исполнат условите и кои ќе бидат избрани по направената селекција, ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи.
Како и при распишувањето на претходните два конкурси за прием на полициски службеници, кандидатите треба да исполнуваат и општи услови. Да се државјани на Република Македонија, да се полнолетни, а да не наполниле 25 години, да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование, да се здравствено и психофизички способни и со правосилна пресуда да не им е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност
Кандидатите треба да ги исполнуваат и посебни услови, односно телесна висина од најмалку 175 сантиметри за мажи и 165 сантиметри за жени, како и висока лична физичка и психичка подготвеност за извршување на полициските задачи.
Селекција на кандидатите ќе се спроведува во пет фази од Комисија формирана за избор на кандидат за полицаец. На почеток ќе се врши административна проверка, потоа моторички способности, писмено тестирање, интервју и на крај здравствен преглед што ќе го спроведе Здравствена омисија.
Во претходните две години МВР вработи 700 полицајци, со најдновото подмладување бројката ќе се искачи на 1.100.
