На продажба шест детски одморалишта

20.10.2014 13:56

Mинатата недела Владата објави оглас во кој се наведени информации за објектите кои се на продажба, како и нивната почетна цена од која ќе почне јавното наддавање...

Владата во декември годинава на електронска јавна аукција ќе понуди на продажба шест детски одморалишта кои се во сопственост на државата. Пет од нив и по продажбата треба да ја задржат дејноста туризам, а едно да биде пренаменето во дом за згрижување стари лица, соопшти денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

На продажба се детските одморалишта Ѓуриште во Свети Николе, Шула Мина во Крушево, Суви Лаки кое се наоѓа меѓу Берово и Струмица, Николиќ во Дојран и Малешево во Берово, кои треба да ја задржат дејноста туризам и поранешното детско одморалиште во Пехчево кое новиот сопственик по купувањето во рок од 24 месеци ќе треба да го пренамени во пензионерски дом.

Mинатата недела Владата објави оглас во кој се наведени информации за објектите кои се на продажба, како и нивната почетна цена од која ќе почне јавното наддавање.

Одлуката за продажба на детските одморалишта е донесена согласно стратешките определби на Владата за развој на туризмот во Македонија.