СЗО прогласи крај на еболата во Нигерија

20.10.2014 14:32

Ова е голем успех, изјави претставникот на СЗО, Руи Гама Ваз на прес-конференција во нигерискиот главен град Абуџа...

Светската здравствена организација (СЗО) прогласи денеска крај на епидемијата на ебола во Нигерија, по истекот на период од 42 дена без нови случаи на заболување од овој вирус.

Епидемијата на ебола во Нигерија помина. Ова е голем успех, изјави претставникот на СЗО, Руи Гама Ваз на прес-конференција во нигерискиот главен град Абуџа.

Најнаселената африканска држава е пофалена поради брзиот одговор на еболата, откако инфицираниот либериски дипломат во јули го донесе вирусот во таа земја.

СЗО во петокот официјално прогласи и крај на еболата во Сенегал.

Во најновата епидемија на ебола починаа над 4.500 лица во западна Африка, претежно во Либерија, Гвинеја и Сиера Леоне.