Австриските бизнисмени заинтересирани за инфраструктурата и градежниот сектор
Македонија е омилена дестинација за инвестирање на австриските компании. Досега вложиле над 484 милиони евра, најмногу во енергетиката, производството, банкарството...

Австриските компании се насочуваат кон Македонија. Заинтересирани се за големите инфраструктурни проекти на Владата поддржани од меѓународни финансиски институции. Најатрактивни се инфраструктурата и градежниот сектор.
„Во моментов во фокусот на австриските компании е да најдат партнери од доверба со кои би се дејствувало на македонскиот пазар, затоа што верувам дека на пазарот во Македонија, има големи градежни активности, финансирани од меѓународни институции и има доволно простор за соработка. Доколку има можности и интерес да се оди и на трети пазари“, вели Герхард Шлатл, аташе на Австриската стопанска комора во РМ.
Македонија е омилена дестинација за инвестирање на австриските компании. Досега вложиле над 484 милиони евра, најмногу во енергетиката, производството, банкарството. Нареден предизвик за двете бизнис заедници е подоброто искористување на ИПА 2 европските фондови.
„Има многу простор за соработка. На пример во деловите на нови неискористени индустриски технологии, во облааста на животната средина, градежништвото, инфраструктурата, текстилот, земјоделството и туризмот“, смета Наташа Димеска Стојаноска, од Стопанска комора на Македонија.
На почетокот на наредниот месец скоро истовремено се одржуваат два бизнис форума. Во Скопје доаѓаат компании специјализирани за изградба на автопати, енергетски проекти, железнички линии и сигнализација, а на Дунавскиот регионален бизнис форум во Виена патуваат македонските прехранбени и диструбутерски фирми.
Свето Николовски
