Институтот за белодробни заболувања

Благајничка присвоила 70.000 евра од партиципацијата на пациентите

20.10.2014 16:11

По спроведената предистражна постапка било утврдено дека на сметката на Институтот за белодробни заболувања и туберколоза недостигаат околу 70 илјади евра, пари од уплатената партиципација од пациентите. Благајничката се товари за кривично дело „проневера во службата“...

Уапсена 51–годишна благајничка на Институтот за белодробни заболувања и туберколоза. Проневерила 70 илјади евра. Финансиската полиција ја уапсила по добиената дојава од менаџментот на Институтот дека се сомневаат во висината на остварените приходи од дадените услуги на пациентите.

Во разговор со надлежните од Институтот, не признала ништо. Велела дека и ги немало документите. Овде била вработена од 2002-та.

„Пред две недели поставивме сомневање дека недостасува одреден износ на средства кој се однесуваат на партиципацијата која се наплатува од пацитентите. Откако е поставено ваквото сомнение за недостиг на финансиски средства, веднаш случајот го пријавивме во финасиската полиција. Финансовската полиција  дојде и ги започна сите активности и обврски што се во нејзина надлежност“, рече д-р Билјана Илиевска-Попоска, директор на Институтот за белодробни заболувања и туберколоза.

По спроведената предистражна постапка било утврдено дека на сметката на Институт недостигаат околу 70 илјади евра, пари од уплатената партиципација од пациентите. Благајничката се товари за кривично дело „проневера во службата“.

Неколку  години во континуитет, паричните средства наплатени од пациентите и биле предавани од шалтерските работници. Благајничката, наместо да ги уплатува на банкарската сметка, таа ги присвојувала.

За да ги прикрие трагите на сторениот криминал и да ја префрли вината на колегите, ја криела и ја уништувала книговодствената документација. При претресот на нејзиниот дом, Финансиската полиција пронашла каса-прими обрасци од Институтот изготвувани за примопредавањето на парите  од  партиципацијата. Во актовка, пак, била пронајдена и интерната книга во која ги забележувала примопредавањата од дневниот промет, а која неодамна исчезнала од Институтот. По распитот, судија на претходна постапка на пријавената и одредил 30- дневен притвор. Финансиската полиција ќе го проверува и работењето на приведената пред 2010, кога била  шалтерски работник и имала директен контакт со парите на пациентите.         

Наташа Гркова-Петрушевска