Запуштените детски одморалишта ќе прераснат во нови туристички атракции

20.10.2014 16:15

Од Владата ги охрабруват сите заинтересирани компании во следниот период да ги проучат можностите за инвестиција, да направат бизнис проценки и да аплицираат на огласот...

Шест поранешни детски одморалишта ќе прераснат во нови туристички атракции. Државата преку оглас бара инвеститори кои ќе ги заживеат овие запуштени објекти. Ќе треба да развијат бизнис и да отворат нови работни места. Во декември ќе има јавно наддавање, а почетната цена веќе е објавена. Идниот сопственик на одмаралиштето  во Пехчево ќе треба да отвори приватен згрижувачки дом за стари лица.

„За Шула Муна која има капацитет од 1.216 метри квардатни, почетната цена за наддавање е 75.000 евра, за Суви Лаки- одморалиште коешто е помеѓу Берово и Струмица, кое има површина од 3.445 метри квадратни почетната цена за наддавање е 175.000 евра“, вели владиниот портпарол Александар Ѓоргиев.

Оној кој ќе понуди највисока цена ќе стане сопственик на некое од одморалиштата. Од Владата ги охрабруват сите заинтересирани компании во следниот период да ги проучат можностите за инвестиција, да направат бизнис проценки и да аплицираат на огласот.

Детските одморалишта во минатото имаа свој бренд, кој иако избледен се уште постои. Ѓорѓиев потсети дека населението кое живее во овие региони има искуство за работа во планинскиот, руралниот или езерскиот туризам, што дава можности за профитабилен бизнис.

Огласот за враќањето на стариот сјај на одмаралиштата е објавен на интернет страната на Министерството за труд  и социјална политика. Заинтресираните можат да аплицираат до декември.

 

Викторија Тодоровска