Поддршка за земјоделците за повеќе пари од ИПАРД 2

20.10.2014 17:20

Само 11 проценти од европските пари за поддршка на земјоделството се искористени. За да се зголеми процентот од новата ИПАРД 2 се предвидува и формирање фонд за претфинансирање. Добри искуства имаат оние малкумина македонските фармери што понудиле проекти...

Урош Николоски е еден од првите земјоделци во Македонија кој ја искористил ИПАРД програмата. Со работа на својата млекарница во општина Македонски Брод започнал во 2008 година, а веќе во 2010-та година од вкупно 4.000.000 денари, колку што чинела инвестицијата за модернизација на капацитетот, од ИПАРД му биле вратени 50% од влогот. Вели дека без тоа тешко ќе стигнел до тоа што е денес.

„Со тоа го зголемивме и капацитетот и квалитетот на млекото, и условите за работа на вработените. Купивме лакрофризери што ми беше една од најбитните работи за да го зголемиме квалитетот на млекото по пунктовите, и лактофризери за тука, затоа што млекото пример го собираме денес, а веќе од утре може да работиме“, вели Урош Николоски, корисник на ИПАРД.

Сега Николоски произведува над 15 видови млечни производи, со капацитет од околу 10 тони преработка млеко дневно. Им порачува на сите бизнисмени и покрај можеби тешката процедура за ИПАРД програмата да не се откажуваат и да конкурираат.

„Секој кој мисли да го прошири капацитетот би требалио да конкурира за оваа програма, затоа што ги враќаат средствата. Има навистина многу работа и собирање на документации, но крајот се исплаќа, затоа што ако работиме како што треба и сме упорни во некоја работа тогаш тоа дава добри резултати“, додава Николоски.

За жал средствата од ИПАРД 1 програмата се искористени само 11 проценти. За да со новата ИПАРД 2 програма се извлечат што е можно повеќе европски пари се предвидува и формирање на фонд за претфинансирање како помош на земјоделците. За разлика од ИПАРД 1 каде на земјоделците им се враќаа 50 % од парите, сега средствата кои се враќаат се 65% за млади земјоделци, модернизација на претпријатијата и инвестиции во руралниот туризам.

Поради се поголемиот развој на туризмот во општина Македонски Брод и Поречието локалната самоуправа започна со едукација на заинтересираните бизнисмени кои сакаат да инвестираат во овој сектор, како полесно да дојдат до парите од ИПАРД. Од општината велат дека голем е бројот на инвеститорите кои сакаат да изградата угостителски објекти во овој регион.

Овие предавања се помогнати и од Стопанската комора на Македонија каде на крајот од овој месец во овој регион предвидено е организирање на поголема трибина за едукација за ИПАРД.

„За нашата општина, Македонски Брод, како рурална општина сега најпримамливи средства се оние за изградба на хотели, мотели, ресторани. Може да се земат и до 750.000 евра од ИПАРД, има заинтересирано бизнисмени и се надевам дека овие трибини ќе им помогнат како полесно да дојдат до европските пари“, истакна Милосим Војнески, градоначалник на М. Брод.

Поучен од тоа што 2 пати досега ги искорил овие европски пари, за изградба на својата фарма и модернизација на земјоделската механизација, Стојанчо Трпески сега сака да конкурира по трет пат за изградба на сместувачки капацитети во Поречието. Има изградено рибник со ресторан, а поради зголемената побарувачка од туристи сака да гради и бунгалови.

„Објектот го отворивме пред 1 месец, моите планови се да го развиваме туризмот во ова подрачје, да направиме соби и апартмани за сместување затоа што има доста гости кои се најавуваат дека сакаат тука да останата со спиење“, рече Стојанчо Трпески, корисник на ИПАРД.

Очекува да ги добие овие пари, а со тоа освен зголемување на профитот ќе го зголеми и бројот на вработени.

„Од првите две земање на ИПАРД средствата многу сум задоволен, брзо ми ги вратија парите назад, им кредитот кој ми беше наменет за тоа се доби многу побрзо. Трба да се вложи труд, но секој труд се враќа, а со тоа се враќа и инвестициајата и приходот“, додава Трпески.

ИПАРД 2 е проектирана на 106 милиони евра. 60 милиони се наменети за кофинансирање инвестиции во земјоделството, прехранбената индустрија и руралната економија, а останатите 46 ќе се вложат во изградба на системи за наводнување, пристапни патишта до нивите и електрификација на полето.

Дарко Штаргоски