Собранието го усвои буџетот за 2015 година
Предлог буџетот за 2015 година е со реални проекции и ги отсликува владините приоритети и политики за економски раст и развој...

Пратениците во Собранието на Република Македонија на денешната 18-та седница по завршувањето на општиот претрес со 65 гласови „за“ го донесоа буџетот за 2015 година.
Предлог буџетот за 2015 година е со реални проекции и ги отсликува владините приоритети и политики за економски раст и развој, поддршка на приватниот сектор и на стандардот на граѓаните, оценија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на денешното продолжение на општата расправа за буџетот за следната година.
Пратеничката група на ДУИ го поддржа Предлог-буџетот со образложение дека тој е резултат на политичките договори, кои извираат од волјата на граѓаните на оваа земја, а се рефлектирани во проекти во владината програма.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО - ДПМНЕ Илија Димовски укажа дека пратениците на ВМРО - ДПМНЕ се цело време вклучени и информирани за проектите внесени во Предлог-буџетот за 2015 година, главно за оние од местата односно општините од каде што доаѓаат.
„Ние сме многу често присутни на терен и ги согледуваме сите потреби на граѓаните. Наша работа е да ја стимулираме и да ја притискаме Владата да работи со уште посилно темпо“, рече Илија Димовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
По завршувањето на 18-та седница доцна попладнево пратениците продолжија по дневниот ред на 15-та седница.
