Воз удри во автомобил, загина возачот
Полог бележи втор ден со трагични сообраќајни несреќи. Попладнево загина 55 годишен возач, откако воз удрил во неговиот автомобил кај тетовско горно седларце. Утрото, пак, 9 годишно девојче заврши со тешки повреди. Во него удрил автомобил кај училиштето во неготино полошко. Вчера згаснаа животите на две млади момчиња.

Загина 55 годишен возач од тетовско Горно Седларце. Во неговиот автомобил удрил возот што се движел на релација Кичево – Скопје. По ударот човекот добил тешки телесни повреди од кои починал на самото место.
Несреќата се случила околу 14 часот на преминот во близина на селото. Се работи на утврдување на причините за несреќата, информира полицијата.
Нема информации за повредени меѓу патниците во возот.
„Јас бев во возот. Свиреше подолго време. Кога застана, јас излегов за да видам што се случило. Го видов автомобилот пресечен на половина“, рече патник од возот.
Со ова Полог бележи втор ден со трагични сообраќајни несреќи. Полицијата информираше и за 9 годишно девојче кое се бори за живот на скопска клиника откако во него утрово удрил автомобил во селото Неготино полошко.
Вчера, пак, загинаа две момчиња на 16 и 21 година во сообраќајна несреќа на патот Тетово – Јажинце кај Теарце. 24 годишниот возач со тешки повреди сеуште е на скопска клиника. Полицијата работи на деталите за несреќите.
Зоран Јованоски
