Почна истрагата за смртта на претседателот на „Тотал“

21.10.2014 12:46

Отворена е кривична постапка против аеродромскиот работник за убиство од невнимание на повеќе луѓе. Во седиштето на Тотал во Париз шок и неверување по загинувањето на шефот кој го поминал поголемиот дел од кариерата во компанијата и меѓу колегите бил познат како „Господин Мустаќи“...

Претседателот на францускиот нафтен гигант Тотал, Кристоф де Мажери загина при полетување со неговиот приватен авион од московскиот аеродром Внуково.

„Рано изутрината авион Фалкон што полетуваше од Внуково за Париз се судри со машина за чистење снег. Загинаа патникот и тројцата членови на екипажот“, изјави Елена Крилова, портпарол на аеродромот Внуково.

Маржери се враќал во Франција по состанок со рускиот премиер Медведев, посветен на странските инвестиции, во екот на санкциите поради украинската криза.Бизарен сплет на околности довел до несреќата на Фалконот-50 на шефот на шестата најголема компанија за нафта и гас во светот – на завеаната и завиткана во магла писта се испречила машина за чистење снег, управувана од пијан возач.

„Црните кутии се однесени за истрага. Има повеќе верзии за причината – грешка на контролата, временските услови, пилотска грешка... Потврдено дека возачот на машината за чистење снег бил пијан“, вели Татјана Морозова, претставник на Истражно одделение за меѓународен транспорт.

Отворена е кривична постапка против аеродромскиот работник за убиство од невнимание на повеќе луѓе. Во седиштето на Тотал во Париз шок и неверување по загинувањето на шефот кој го поминал поголемиот дел од кариерата во компанијата и меѓу колегите бил познат како „Господин Мустаќи“.

„Ова е тажен ден. Не го познавав, но беше многу ценет. Беше визионер и ги инспирираше вработените“, вели вработен во Тотал.

„Вистинска загуба, можеше да направи уште многу работи“, додава вработена во Тотал.

Претседателите на Франција и на Русија, Оланд и Путин, во одвоени изјави изразија жалење за смртта на 63-годишниот Маржери и ја истакнаа неговата посветеност на развојот на француско-руските односи.

 

Ивана Салтировска