ФЗОМ доби Сертификат за функционалност на информацискиот систем

21.10.2014 13:43

Фондот е четвртата институција која се здобива во овој сертификат после Царинската управа, Народната банка на Република Македонија и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој...

Сертификат за функционалност на информацискиот систем доби денеска Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска на прес-конференција во Фондот на која и го врачи Серфикатот на директорката на ФЗОМ Маја Парнарџиева-Змејкова, истакна дека тој претставува чекор напред во модернизацијата и надградбата на целокупниот систем во интерес на граѓаните.

Фондот е четвртата институција која се здобива во овој сертификат после Царинската управа, Народната банка на Република Македонија и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, истакна Ивановски.

Парнарџиева-Змејкова изрази задоволство што Фондот го добива серификатот меѓу првите државни институции и посочи дека тоа е голема заслуга на нивниот Сектор за информатика, кој изготвил 18 процедури, стратегии и политики кои понатаму ги наметнале како ментален склоп на размислување на сите 800 вработени.

Дополнително на тоа креиравме информатички систем во изминатите неколку години со сопствени ресурси со цел да се обезбеди или подигне на највисоко можно ниво безбедноста на податоците со кои располага Фондот за здравствено осигурување., истакна Парнарџиева- Змејкова.