Земјите од ЈИЕ со заедничка стратегија за заштита на животната средина

21.10.2014 15:18

Земјите од Југоисточна Европа ќе изготват заедничка стратегија за заштита на животната средина. За таа цел во Охрид се одржува средба на која присуствуваат директорите на институциите за заштита на природата од Југоисточна Европа...

За да се заштити природното богатство секоја земја мора да има добра законска регулатива,силни институции и образовани луѓе од таа сфера. Само на тој начин може да се добие битката со инвеститорите, кои ќе знаат дека ќе имаат големи проблеми доколку не ги почитуваат законите. Ова беше речено на средбата на директорите за заштита на природата од Југоисточна Европа.

„Сите наши институции, сектори работат на детектирање на сите проблеми,не само во државата, туку и пошироко. Така што и ние со нашите законски регулативи тежнееме да се прилагодиме кон легислативата на ЕУ“, вели Нурхан Изаири, министер за животна средина и просторно планирање на Република Македонија.

За да се заштити природата потребни се повеќе финансиски средства.Во регионот на овој план најдобро стои Словенија,од која останатите држави ќе црпат значајни искуства.

„Одржливиот развој подразбира заштита на природата и економски развој.Тие одат рака под рака и тоа не е цел која може лесно да се оствари“, смета Борис Ерг, директор на Меѓународната Унија за заштита на природата во ЈИЕ.

„Македонија има големо природно богатство,но недостигаат повеќе образовани и обучени луѓе,кои ќе можат природата која ја имате да ја валоризираат“, вели д-р Дариј Крајчич, директор на Заводот за заштита на природата на Словенија.

Се очекува ваквите средби да придонесат за зајакнување на институциите, при што ќе се дефинираат заедничките приоритети и ќе се реализираат поединечни и билатерални проекти за заштита на природното богатство.

 

Сашо Нелоски