52 милиони евра за рехабилитација на 112 километри патишта
Средствата од Светска банка се вклопуваат во еден поголем инвестициски циклус на земјава вреден 1,3 милијарди евра, наменети за изградба на автопатишта, како и модернизација и рехабилитација на повеќе магистрални и регионални патни правци...

Еспресно почна реализацијата на неодамна договорената нова четиригодишна стратегија за поддршка на земјава со Светска банка. Потпишан е договорот за финансирање на рехабилитацијата на 112 километри магистрални и регионални патишта. Со 52 милиона евра ќе се обноват три значајни патни правци: Битола –Макази, Ресен – Буково и Бошков мост-Дебар, а ќе бидат санирани и неколку свлечишта. Веќе се подготвува проектната докумантација за 8 патни правци кои истотака ќе бидат рехабилитирани: Тетово - Гостивар, Делчево - Голак, Мокрино - Смолари, Мелнички мост - Центар Жупа, Лажани - Црнилиште, Кривогаштани - Воѓани, Кочани - Делчево и Нов Дојран - Николиќ.
„Тука секако спаѓа патот од Ранковце до Крива Паланка, се работи за нов пат што ќе овозможи во две ленти во двата правца да се изградат и да се подобри сега најлошиот дел од патот од Скопје до границата со Р.Бугарија. Се работи и на проектната документација за патните правци од Пробиштип до Пониква, Тораница до Саса, од Старо до Ново Коњарево и Гарски мост-Извор”, рече Зоран Ставрески, вицпремиер и министер за финансии.
Се очекува в година Светска банка да одобри дополнителни 100 милиони евра за изградба и реконструкција на регионалната и магистрална патна мрежа. Од овој втор проект Светска банка очекува зголемување на безбедноста на патиштата подобрување на економските перформанси.
„Овој заем дава можност да се подобри патната мрежа, која е неопходна за зголемен раст и поенергична економија. Подобрената патна мрежа ќе значи подобра поврзаност и побезбедно патување на жителите низ целата земја“, рече Татјана Просурјакова, диретор на Канцеларијата на Светска банка во Република во Македонија.
Заемот е добиен под мошне поволни услови со камата од 0,6% и рок на враќање од 23 години и 6 години грејс период.
Средствата од Светска банка се вклопуваат во еден поголем инвестициски циклус на земјава вреден 1,3 милијарди евра, наменети за изградба на автопатишта, како и модернизација и рехабилитација на повеќе магистрални и регионални патни правци, нагласи вицепремиерот Ставрески.
Свето Николовски
