Повисоки субвенции за повеќе туристи
Хотелиерите ја поздравуваат одлуката. Велат дека операторите ќе имаат дополнителен мотив вда ги анимираат туристите...

Наместо досегашните 25, туристичките оператори ќе добиваат 35 евра по донесен турист од Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина. Се зголемува износот на субвенции за привлекување странски туристи.
„Услов за добивање субвенција за туристите од БиХ, Србија и Бугарија е да имаат организиран престој во Македонија со најмалку седум ноќевања, како и организирано да доаѓаат и да заминат од земјава со авионски превоз“, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев.
Хотелиерите ја поздравуваат одлуката. Велат дека операторите ќе имаат дополнителен мотив вда ги анимираат туристите.
„Работите се раздвижија. Имаме нова одлука на Владата која ни дава уште една алатка во рацете со која можеме да оперираме и да ги анимираме туристите од БиХ, Србија, Бугарија и нашите колеги туристичките работници, и на тој начин да пробаме да го зголемиме бројт на туристи“ , смета Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.
Според Владата, од странците ќе има дополнителен девизен, а со тоа и даночен прилив. Освен за хотели и сместување, туристите ќе трошат средства и за превоз, угостителство, купување производи.
Македонија бележи континуиран раст на бројот на туристите. Од јануари – август 2014, за разлика од истиот период лани растот изнесува 5,9 насто, притоа бројот на домашни туристи е зголемен за 2,3, а на странски за 9 насто.
Лука Андреев
