Пијан возач вклучен во несреќата во која загина првиот човек на „Тотал“
Има повеќе верзии за причината – грешка на контролата, временските услови, пилотска грешка. Потврдено дека возачот на машината за чистење снег бил пијан...

Завеана и завиткана во магла писта и пијан возач зад воланот на машина за чистење снег. Бизарен сплет на околности доведе до судар и експлозија на Фалконот 50 на Кристоф де Маржери, шефот на шестата најголема компанија за нафта и гас во светот.
„Има повеќе верзии за причината – грешка на контролата, временските услови, пилотска грешка. Потврдено дека возачот на машината за чистење снег бил пијан“, изјави Татјана Морозова, претставник на истражно оделение за меѓународен транспорт.
Во првите моменти на збунетост, спасувачите помислија дека покрај Маржери и тројцата пилоти на пистата лежи и телото на пијаниот возач. Тој остана жив и здрав, но е во притвор и против него е покрената кривична постапка за убиство од невнимание. Руските истражители одговорноста прво ја бараат кај аеродромските власти, поради криминално невнимание при усогласувањето на должностите на вработените. Во седиштето на Тотал во Париз шок. Колегите не можат да поверуваат дека загина шефот што го знаеја како „Господин Мустаќи“.
„Ова е тажен ден. Не го познавав, но беше многу ценет. Беше визионер и ги инспирираше вработените.“
„Вистинска загуба, можеше да направи уште многу работи“, велат вработените во Тотал.
Маржери се враќал во Франција по состанок со рускиот премиер Медведев, посветен на странските инвестиции. Беше противник на санкциите против Русија, која ја сметаше за привлечна за вложување и поборник за тоа Европа да обезбеди стабилно снабдување занобиколувајќи ја Украина, наместо да ја намалува зависноста од рускиот гас.
„Изгубивме голем капетан на индустријата, исклучителен човек во неговата кариера, различен по хуморот и искреноста. Тој беше лицето на Тотал“, рече Мануел Валс, премиер на Франција.
Претседателите на Франција и на Русија, Оланд и Путин изразија жалење и ја истакнаа посветеноста на 63-годишниот Маржери на развојот на француско-руските односи.
Ивана Салтировска
