Буџет 2015: Повисоки плати, пензии и капитални инвестции

21.10.2014 17:03

Буџетот е со проектирана стапка на економски раст од 4%, иако Владата очекува и нагорна корекција, ако состојбите во ЕУ, која е и наш најголем трговски партнер, одат во посакуваната насока...

Државната каса е веќе донесена- уште во октомври што не е практика во Mакедонија. Буџетот  ќе тежи 2,9 милијарди евра и е за 5% поголем од годинешниот. Скроен е да го поттикне економскиот раст и развојот на приватниот сектор преку инфраструктурните проекти. Економскиот раст треба да го поддржат капиталните инвестиции, кои се во висина од 345 милиони евра, пари кои ќе се вложат во развој на инфраструктурата.

„Средства коишто најголем дел ќе се влечат во 2015-та се за изградба на автопатиштата кои започнаа годинава, секако тука се и останатите патишта како Сончев Град, Велес- Кадрифаково, станува збор за средства и од заемите и од буџетот“, вели директорот на ЈП за Државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Буџетот е со проектирана стапка на економски раст од 4%, иако Владата очекува и нагорна корекција, ако состојбите во ЕУ, која е и наш најголем трговски партнер, одат во посакуваната насока.

Овој  буџет кој има за цел да го заштити и стандардот на граѓаните преку зголемување на платите, пензиите, социјалната помош. Предвидено е зголемување на пензиите за 5 проценти, почнувајќи од септемвриската пензија што ќе биде исплатена во октомври 2015-та година. Повисоки плати за 4% пак административците  ќе добијат многу скоро,  за десетина дена.

„Буџетот е во добра кондиција. Приходите се сѐ подобри како изминува годината. Обезбедени се средства и при првата следна исплата на плата вработените во јавниот сектор, значи полицијата, војската, културните работници, здравствените, образовните, социјалните и сите други како и вработените во администрацијата ќе добијат покачување од четири проценти на платата“, изјави вицепремиерот Зоран Ставрески .

Македонија во 2015-та ја чека градежен бум. Крупни капитални проекти реализира МЕПСО.

„Градиме далековод којшто ја поврзува трафостаницата Штип со трафостаницата Ниш во Србија. Станува збор за втора интерконектива врска, а вредноста на овој проект изнесува околу 11,2 милиони евра. Ние веќе имаме започнато со градба, изведувачот е воведен во работата, очекуваме градбата да заврши некаде кон средината на следната година“, вели генералниот директор на МЕПСО, Синиша Спасов.

Градежништвото ќе  остане локомотива на економијата, со проектирана стапка на раст од 7,5%, а се очекува да продолжи и трендот на намалување на невработеноста. 

Државата планира да потроши 2 милијарди и 955 милиони евра, а да прибере 2 милијарди и 655 милиони, дефицитот е 300 милиони евра или 3,5% од БДП, ниво кое се уште не прави умерено задолжени.

 

Билјана Василева- Трендафилова