Собрание

Македонија напредува во спроведување на реформите што ги бара Брисел

21.10.2014 18:12

Извештајот на Европската комисија помина на пленарна седница во македонскиот парламент. Може да се слушнат предлози како Грција да не ги блокира евро-интеграциите на Македонија...

Да почнеме со суштинска расправа за надминување на пречките – рече пратеникот Павле Трајанов. Според него потребни се посмели чекори во однос на решевањето на спорот за името со Грција за во наредниот извештај повеќе да не се додаваат нови критериуми за добивање датум за преговори.

„Ако очекуваме ние Метју Нимиц или некој друг посредник да го реши спорот, мислам дека тешко ќе дојде до решение што некој од надвор може да го наметне. Треба ние да бидеме проактивни, да имаме една посилна дипломатска офанзива ако сакаме да се дојде до некакво решение коешто нема да ги загрозува нашите национални и државни интереси“, рече Павле Трајанов, пратеник од Демократскиот сојуз.

Според мнозинството, Македонија напредува во спроведување на реформите што ги бара Брисел. Опозицијата критикува.

„Извештајот е одраз на севкупното работење и на позицијата и на опозицијата, на севкупното македонско општество. Тоа е оценка, слика за демократскиот напредок“, рече Силвана Бонева, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Навистина сум задоволна што мојата земја успеа да ја задржи препораката, сепак има уште многу работи коишто треба да се направат на патот кон Европа, а пред се за доброто на граѓаните“, рече пратеничката Роза Топузова Каревска.

„Немате право да барате помош од надвор, треба да дадете отчет пред граѓаните. Не да одите да се жалите по амбасади, сосем е логично ова да го направат субјектите од опозицијата, да пријавуваат проблеми, да искажуваат поинакви идеи поради непочитување на колективните и човечки права“, рече Орхан Ибрахими, пратеник од ДПА.

Вицепремиерот Фатир Бесими повтори дека е важо што добивме препорака и уште поважно е што треба да се направи во следниот период за подобрување во областите во кои има забележано недостатоци.

Социјал демократите уште еднаш беа повикани да се вратат во Собранието за да се нормализира политичкиот дијалог, еден од клучните критериуми на кој инсистира и ЕУ.

Миле Ристески