Повеќе разводи од бракови!

22.10.2014 10:25

Младите се повеќе сакаат живот во двојка без формалностите кои ги бара бракот. Современиот начин на живот, економскиот фактор и невработеноста се причина за намалување на склучување на брак но и се поголемиот број на разводи...

Невработеноста, економскиот фактор но и современиот начин на живот кај младите лица е се почеста причина за намалувањето на склопување брак и зголемувањето на разводи. Младите се повеќе се одлучуваат за заедничко живеење или неформално здружување без обврските кои ги наметнува бракот.

Сите права партнерите ги имаат помеѓу себе, живеат заедно меѓутоа тој формален аспект односно формалното склучување на брак го избегнуваат. Токму тие стандарди се оние стандарди кои на некој начин глобализацијата придонесе за тоа, и тие се современи начини на живот на младите двојки и токму затоа ни се случува да имаме помал процент на склопување на бракови, вели професор Татијана Стојановска- Иванова.

Младите бегаат од одговорноста, материјалното е на прво место, сметаат граѓаните.

„Поради Фејсбук и поради тоа што бегаат младите од одговорности... Тоа е последица на домашни воспитувања, на нашите нарушени односи во поглед на ценење на моралните вредности што го владеат светот“, велат стружани.

Современото живеење ги потиснува нашите традиционални сваќања од минатото кога големо влијание имаше и средината во која живеевме, па младите во тоа време според експертите потешко се одлучуваа за развод. Денес оваа слика е драстично променета.      

И самата еманципација на жената придонесе да веќе доколку не постојат услови за живот во брачната заедница на некој начин пораскинливо е тоа затоа што веќе економски е независна, вели професор Стојановска- Иванова.

Според експертите, треба да се направи еден инердисциплинарен пристап за правење на добра национална стратегија за зголемување на наталитетот и за една квалитетна популациона политика.

 

Јованчо Наумоски