Социјалниот дијалог во Македонија ќе се унапредува со средства од ЕУ
Во земјата постои конструктивен дијалог и атмосфера на заемна доверба меѓу Владата, синдикатите и здруженијата на работодавачи. Досега е постигнат огромен напредок во унапредување на социјалниот дијалог во Македонија...

Делегацијата на Европската унија го поддржува унапредувањето на социјалниот дијалог во земјава. Проектот што се реализира, предвидува зајакнување на институционалниот капацитет на сите нивоа, и предвидува зголемување на ефикасноста во дијалогот.
Во земјата постои конструктивен дијалог и атмосфера на заемна доверба меѓу Владата, синдикатите и здруженијата на работодавачи. Досега е постигнат огромен напредок во унапредување на социјалниот дијалог во Македонија, а овој проект дополнително ќе ги зајакне капацитетите на Економски социјалниот совет на национално ниво, капацитетите за колективното договарање на гранково и на ниво на работавач, како и поставување оперативен механизам за мирно решавање на работните спорови, рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Евроамбасадорот Аиво Орав потенцира дека социјалниот дијалог е од исклучителна важност за секоја држава. Одговорноста за решавање на прашањата кои тој ги опфаќа, рече, не лежи само во Владата туку во сите општествени чинители.
Социјалниот дијалог треба да делува како мост меѓу луѓето и институциите и да ги води законодавачите кон соодветно одлучување, нагласи Орав.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски е задоволен од напредокот на социјалниот дијалог во земјава досега, но се надева дека сите вклучени социјални партнери ќе го искористат проектот за дополнително збогатување на капацитетите.
