Грми од „Енфилд“
Фудбалскиот татнеж вечерва доаѓа од Енфилд. Сводовите на домот на Ливерпул биле сведоци на многу епски натпревари, но гостувањето на Реал Мадрид во градот на Битлс е приоритетна свеченост. Затоа Анчелоти очекува пресметката да донесе „се што е најдобро од фудбалот“. Неговиот колега од клупата на Ливерпул Роџерс сака неговите играчи да се кренат на нивото на настанот.

Фудбалскиот татнеж вечерва доаѓа од Енфилд. Сводовите на домот на Ливерпул биле сведоци на многу епски натпревари, но гостувањето на Реал Мадрид во градот на Битлс е приоритетна свеченост. Затоа Анчелоти очекува пресметката да донесе „се што е најдобро од фудбалот“. Неговиот колега од клупата на Ливерпул Роџерс сака неговите играчи да се кренат на нивото на настанот.
Чудни се тековите на фудбалската историја. Со десеттата круна кралскиот клуб е на ниво што тешко некој ќе го достигне во наше време. Ливерпул е во друштво на гигантите со пет европски титули, па сепак и покрај 15-те вкупно, двата тима досега се судрија само трипати. Англиската гордост има стопроцентен биланс. Првиот меч беше во Париз во 1981-та, кога 27-ми мај стана волшебен ден за црвените. Левиот бек Алан Кенеди во 82-та минута му донесе победа од 1-0 на Ливерпул и трет шампионски пехар во пет години на тимот на Боб Пејсли, првиот менаџер со три трофеи во тогашниот Куп на шампионите. Во 2009-та англискиот тим славеше со 4-0 дома и со 1-0 на гости. Тоа се бројки за почит, три победи против Реал, ниту еден примен гол.
Но времињата се менуваат. „Лос галактикос“ е во налет. Ѕвездениот состав на Анчелоти е во серија од седум триумфи, а сезонава двапати се радуваше во Лигата на шампионите. Ливерпул има три бода, тешка победа над Лудогорец и пораз во Базел, па притисокот е на негова страна. На добрата традиција против Реал се спротивставува податокот за само четири победи во 14 домашни натпревари со шпански противници. А сега отспротива ќе биде можеби најтешкиот предводен од Кристијано Роналдо, вториот најдобар стрелец во елитната конкуренција на сите времиња. Кој знае, можеби ова ќе биде магичната ноќ за Кристијано и за фудбалските анали. Му недостигаат само два гола за да се изедначи со Раул, уште една легенда од „Сантијаго Бернабе“. Интригира податокот дека Португалецот има само два гола на девет натпревари против Ливерпул. Никогаш не погоди на „Енфилд“ каде што црвените не чекорат сами. „Коп“ повторно ќе грми со звуците на легендарната клупска химна како вовед во фудбалскиот спектакл.
Затоа, ако сакате игра, спортско јунаштво, силен емоционален набој, ако сакате морници, оваа вечер бидете со Македонската телевизија. 20 и 15 емисија од Лигата на шампионите и веднаш потоа пренос од средбата Ливерпул – Реал Мадрид.
***
Лига на шампиони, 3.коло
Група „А“
Олимпијакос – Јувентус
Атлетико М. – Малме
Табела:
1.Јувентус 3
2.Атлетико М. 3
3.Малме 3
4.Олимпијакос 3
***
Група „Бе“
Ливерпул – Реал М. (МТВ 1, 20.35)
Лудогорец – Базел
Табела:
1.Реал М. 6
2.Ливерпул 3
3.Базел 3
4.Лудогорец 0
***
Група „Це“
Леверкузен – Зенит
Монако – Бенфика
Табела:
1.Зенит 4
2.Монако 4
3.Леверкузен 3
4.Бенфика 0
***
Група „Де“
Галатасарај – Борусија Д.
Андерлехт – Арсенал
Табела:
1.Борусија Д. 6
2.Арсенал 3
3.Галатасарај 0
4.Андерлехт 0
