Централен регистар воведе „Е-Лизинг“

22.10.2014 15:34

Новото електронско решение е дел проектот „Едношалтерски систем“. Од централниот регистар најавуваат намалување на цените за оние корисници, кои наместо да поднесуваат документи во хартиена форма, ќе ги користат електронските услуги на регистарот...

Помал метеж на шалтерите, заштеда на време и на пари, подобрување на бизнис – климата. Ова се очекувањата од новото електронско решение на  централниот регистар за регистрација на лизинг. Сега целата процедура од  впишувањето до земањето потврда, може да се изврши со еден клик на компјутерот преку внесување на податоците за давателот и корисникот на лизингот, како и за вредноста и времетраењето на договорот. 

„Во целосна корелација со потребите на бизнис – заедницата, како крајни корисници на нашите услуги, ќе продолжиме напорно да работиме за поедноставување на постапките и за намалување на административните бариери за отпочнување и водење бизнис“, изјави Андреа Поповски, в.д. директор на Централниот регистар.

Ова е уште еден показател дека економијата е во добра кондиција – смета премиерот Груевски. Вели дека тоа го нотирале и Европската комисија во својот извештај за напредокот на земјава, ММФ кој прогнозира дека Македонија ќе има најдобар раст во регионот, како и Светска банка и фондацијата „Херитиџ“ во нивните извештаи.

„Овие оценки се резултат на спроведени реформи и на многу работа и труд. Ние ќе продолжиме со ова темпо на работа и со многу активности на сите полиња, кои ќе ги подобрат условите за водење бизнис, ќе донесат нови инвеститори кои ќе овозможат контуниран раст на економијата, нови работни места и подобар животен стандард“, изјави Никола Груевски, претседател на Владата на Р. Македонија.

Новото електронско решение е дел проектот „Едношалтерски систем“. Од централниот регистар најавуваат намалување на цените за оние корисници, кои наместо да поднесуваат документи во хартиена форма, ќе ги користат електронските услуги на регистарот.

Мартин Пушевски