Со „Купи куќа- Купи стан“ до заштеда и од 14 илјади евра
Градежници, банки и компании ќе им бидат на дофат на заинтересираните граѓани кои размислуваат за свој дом на Саемот кој го организира деновиве Министерството за финансии...

39 годишниот Александар Смаќоски неколку години живеел под кирија и талкал по банките барајќи ги надобрите услови за да дојде до свој дом. Проектот „Купи куќа- Купи стан“ му помогна да ја донесе конечната одлука. Меѓу првите аплицирал и го добил кредитот. Се одлучил за опцијата половина рата, вели ќе заштеди до 7 илјади евра.
„Гледав каматите како се движат и бевме на ниет да се решава стамбеното прашање со нормални каматни стапки. Ова излезе одлично како опција, како одлична заштеда“, вели Александар Смаќоски.
По 17 години и самохраната мајка Александра зачекори во свој сопствен стан. Со својата малолетна ќерка години наназад покрив над главата наоѓаа под кирија. Не беше лесно да се живее вели оваа млада жена која одлучи да купи стан откако слушнала за поволностите кои ги нуди проектот „Купи куќа- Купи стан“. Плаќа 100 евра останатата половина ја субвенционира државата.
„Единствено нешто поради што таа желба да се претвори во идеја беше проектот Купи куќа- Купи стан“, вели Александра Манолева.
Градежници, банки и компании ќе им бидат на дофат на заинтересираните граѓани кои размислуваат за свој дом на Саемот кој го организира деновиве Министерството за финансии.
Со овој проект според проценките се заштедува и до 14.000 евра. Помошта доаѓа во првите пет години кога е и најтешко да се плаќаат ратите.
За кредит од 50 илјади евра, месечната рата во првите три години е 300 евра, со проектот граѓаните плаќаат само 150, остатокот државата.
Од неодамна се намалија и каматните стапки за кредитот.
Дијана Ценевска
