Јолевски во посета на Србија: Македонија и Србија со одлична соработка во областа на одбраната

22.10.2014 16:13

Министерот Јолевски, кој се наоѓа во официјална посета на Република Србија, посочи дека оваа посета, освен што е насочена кон генерално унапредување на соработката со Србија, дава и можност за конкретизирање на проектите и темите на кои ќе се работи во иднина.

Македонија и Србија се две соседни исклучително пријателски земји кои соработуваат и се поддржуваат во сите области, вклучувајќи ја и одбраната. Потврда за тоа е и одличната билатерална комуникација и отворениот и конструктивен дијалог за прашања од заеднички интерес, истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски на заедничката прес-конференција по денешната средба со министерот за одбрана на Република Србија Братислав Гашиќ, во Белград.

Министерот Јолевски  посочи дека оваа посета, освен што е насочена кон генерално унапредување на соработката со Србија, дава и можност за конкретизирање на проектите и темите на кои ќе се работи во иднина.

Јолевски изјави дека министерството за одбрана се концентрира и на военото образование и преносот на искуства од учеството во мировни операции на Обединетите Нации.

„За нас од големо значење е развојот на процесот на едукација и тренинг, кој е еден од основите на секоја Армија. Токму затоа во рамки на оваа посета имам можност да се запознаам со капацитетите на Воената академија и на добропознатата и високо реномирана Военомедицинска академија, кои се импресивни“, рече министерот Јолевски.

Инаку, двете земји тесно соработуваат и во рамки на регионалните иницијативи, од каде произлезе и проектот за Балкански медицински сили, чиј центар ќе биде во Скопје.

Како можна опција за соработка, на средбите бил споменат Центар за обука на пилоти кој функционира во Република Македонија и размената на искуства од учествата во мировните мисии на Обединетите Нации, имајќи ја предвид позицијата на Србија како еден од најголемите регионални придонесувачи кон мисиите на ООН.

Во рамки на официјалната посета, министерот Јолевски остварил средба и со претседателот на Комисијата за одбрана и внатрешни работи во српскиот Парламент, Марија Обрадовиќ, а ги посетил и Воената и Военомедицинската академија.

На средбата во Парламентот на Србија, министерот Јолевски и претседателката на Комисијата за безбедност, Обрадовиќ, разговарале за начините на унапредување на соработката во одбраната, имајќи ги предвид одговорностите и обврските на националните парламенти. Тие се согласиле дека постои потреба од унапредување и интензивирање на парламентарната соработка во ова поле, како основа за интензивирање на соработката помеѓу двете земји.