Црвена тревога: Регионот го зафати силно невреме!
Затворени се неколку автопати, поплавени се училишта и станбени објекти. Силниот ветар корнел дрвја и уривал покриви при што е направена материјална штета. Некои делови се без електрична енергија...

Регионот e зафатен од силно невреме, на повеќе места е прогласена црвена тревога. Во Хрватска, циклонот Антонела проследен со обилни врнежи од дожди снег и силен ветер, предизвика проблеми во сообраќајот.
„Ние веќе се научивме на невреме, па не ни пречи... Се разбудив околу пет часот, многу врнеше. Повикав противпожарна екипа, но веќе беше доцна, се беше поплавено“, велат жителите.
Затворени се неколку автопати, поплавени се училишта и станбени објекти. Силниот ветар корнел дрвја и уривал покриви при што е направена материјална штета. Некои делови се без електрична енергија.
„Сите капацитети се на улица и помагаат во расчистувањето на снегот“.
Невреме и во Словенија. Обилните дождови предизвикаа поплави и излевање на реки. Во Љубљана состојбата е алармантна. Поради големото количество вода, неколку сообраќајници ноќеска биле затворени за движење. Затворени се и неколку регионални патишта поради опасност од одрони.
Во Шкофја Лока населението се евакуира. Поројни дождови го зафатија и северозападниот дел на Босна и Херцеговина, а метеоролозите најавуваат и драстичен пад на температурата.
Во Србија на повисоките места паѓа снег, а на некои делови е забележана густа магла. Бурата „Гонзало“ стигна во Австрија. Ветерот кој дувал со брзина од 150 километри на час корнел дрвја и покриви, а 1.500 домаќинства останале без струја.
Марија Петковска
