Партнерството е клучот за решавање на проблемите во медиумите
Вицепремиерот Бесими смета дека работите ќе се придвижат преку дијалог каков што се водеше меѓу медиумската заедница и властите при донесувањето на Законот за клевета и навреда, за законите за медиуми, за воведувањето на саморегулацијата.

Партнерството е лекот за надминување на состојбите во медиумите и со слободата на изразување, порача вицепремиерот Бесими на јавната дебата со преставниците на медиумите. Сликата во сферата за која Европската комсисија во извештајот излезе со забелешки може да се подобри само доколку се седне на заедничка маса.
„Мојата поента денес е дека ние, сакале или не, мора да сме заедно на една маса за да ги надминеме овие работи“, рече Фатмир Бесими, вицепремиер за европски прашања.
Преставникот на ЗНМ, Секуловски со конкретно прашање до вицепремиерот - случајот Кежаровски.
„Вие како вицепремиер, секако без да се мешате во судската власт, дали сте подготвени да преземете институционален чекор кој ви е на располагање, преку СЕП и министерството за правда, да побарате новннарот Кежаровски да биде пуштен на слобода“, праша Драган Секуловски.
„Ние како Секретаријат консултации ќе имаме. Прашањето е, ние како Република Македонија каков сигнал сакаме да испратиме во однос на овие прашања и тоа што е важно, правдата да биде на свое место“, одговори Фатмир Бесими.
Се проговори и за работничките права на новинарите.
„Преку отпуштање, преку закана за казнување, преку деградирања, луѓето се држат во заложничка позиција и тие не се слободни“, рече Тамара Чаусидис, претседател на ССНМ.
Саморегулацијата ја воведе новинарската фела. Бесими сепак, смета дека тоа било поддржано и од власта. Реагираа од Советот за етика.
„Советот за етика како саморегулативно тело ќе работи во таа насока, да се обезбеди квалитетна, вистинска информација“, рече Катерина Синадиновска, претседател на СЕММ.
Вицепремиерот смета дека работите ќе се придвижат преку дијалог каков што се водеше меѓу медиумската заедница и властите при донесувањето на Законот за клевета и навреда, за законите за медиуми, за воведувањето на саморегулацијата.
Да се работи на реформите, до крајот на месецов сите засегнати да остават забелешки на веб страницата на Секретаријатот, да се зголеми комуникацијата со министертсвото за информатичко општество во однос на законодавтсвото, да се следи како тече имплементацијата на донесените закони се дел од заклучоците од денешната дебата.
Фиљана Кока
