Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ активни на терен

22.10.2014 17:10

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ активни на терен - ова како што изјави Димовски, не е никаква подготовка за нови предвремени избори, туку континуитет во дејствувањето што треба да ја засилува врската со граѓаните...

20 тима во изминативе неколку недели посетиле над 250 села. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ активни на терен - ова како што изјави Димовски, не е никаква подготовка за нови предвремени избори, туку континуитет во дејствувањето што треба да ја засилува врската со  граѓаните. Проблемите и сугестиите се различни. Решенијата, изјави Димовски, ќе ги бараме преку комуникацијата со централната и локалната власт.  

„Можеби полесно би било да бидеме затворени во собраниската сала или уште повеќе, полесно би било воопшто да не доаѓаме на работа, но ние одлучивме, како и секогаш досега, да го избереме одговорниот начин на вршење на оваа обврска“, рече Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

На 30 октомври ќе се одржи и првата седница на новизбраниот собраниски состав, посветена на пратенички прашања. Сознанијата од терен, најави координаторот на пратеничкиот тим на  ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидат основ за нашите прашања.

Засилени теренски активности пред речиси два месеца најавија и социјалдемократите. Според партискиот врв, како што беше речено тогаш, 5000 тима ќе тропнат на секоја врата. На колку врати досега позвониле и какви се сознанијата од теренската работа за сега е прашање без одговор. Од партијата велат анализата сеуште не е направена. Но и од СДСМ исто како и од ВМРО-ДПМНЕ  негираат дека теренската  работа со засилен ритам е предизборна увертира.

Виолета Димовска