На Блаце се зголеми пропусната моќ
Граничниот премин Блаце модернизиран по европски стандарди
Со реконструкцијата на граничниот премин Блаце се надмина тесното грло во протокот на сообраќај и размената на стоки и услуги. Во текот на годинава, овој граничен премин во двата правца го минале скоро два милиона луѓе . Сега е овозможен зголемен проток и ефикасност во работењето на граничните служби.
Инвестицијата за модернизација и реконструкција на граничниот премин Блаце , претставува еден силен сигнал за добрососедските односи меѓу Македонија и Косово, како и за значењето и подобрувањето на овој премин и неговите услови за граѓаните на двете земји , како и за бизнис заедницата, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
За МВР и за Граничната полиција важно е што модернизираниот граничен премин ќе има големо влијание и врз зголемувањето на квалитетот на контролата на секојдневниот прекуграничен проток, што е во интерес на и на македонските и на косовските граѓани.
Реално гледано гужвите и застоите ќе станат минато, а наедно реконструираниот премин Блаце ќе овозможи и растоварување на притисокот и на останатите гранични премини во овој дел од нашата граница, вели министерката за внатрешни Гордана Јанкулоска.
Реконструкцијата е извршена со финансиска помош од Светска банка, во износ од 1,8 милиони евра. Зголемен е бројот на сообраќајните ленти од две на четири за влез и од две на три за излез.
Покрај тоа имаме посебни простории и премини како за граничната полиција така и за царинската управа, како и посебни простории за инспекциските органи , ветеринарната и фитосанитарната инспекција, нагласи директорот на царинската управа Ванчо Каргов.
Границите кои се безбедни, но и ефикасни , поттикнуваат и поинтензивна комуникација меѓу граѓаните, нагласи директорката на Канцеларијата на Светска банка во РМ Татјана Проскурјаков)
Од јануари до ноември годинава преку Блаце се извезени стоки во вредност од околу 280 милиони американски долари. Увозот за истиот период изнесува 51 милион долари. Трговската размена преку овој граничен премин за 11 месеци е 330 милиони долари или околу 10 насто од вкупната трговска размена на земјава.
Реконструираниот царински премин ги има сите неопходни содржини за нормално функционирање и контрола на патници и возила. Сега пропусната моќ овде на граничниот премин Блаце е зголемена за повеќе од два пати.
Автор: Наташа Гркова-Петрушевска
