САД и ЕУ лидери во трговската размена преку интернет

23.10.2014 16:09

Соединетите Американски Држави и Европската Унија се најголемите светски економии, коишто имаат и најголема трговска размена преку интернет. Во 2012-та, САД извезле услуги вредни 140,6 милијарди долари во Европа преку интернет, а ЕУ пак извезла дигитални услуги во Америка вредни 86,3 милијарди. Размената придонесува за поголем економски раст и работни места, но довербата меѓу ЕУ и САд е нарушена поради скандалот со прислучувањето на америакнската национална агенција за безбедност.

Американската компанија ebay продава двапати повеќе производи преку интернет. Амазон и paypal сервисот за плакање преку интернет се вторите најкористени дигитални услуги меѓу Америка и Европа. Освен бизнис трансакции, преку интернет се продава и софтвер, осигурување и заштита на дигиталните податоци. Најголем партнер за дигитална размена на САД е Британија, а размената со европските земји коишто не се дел од ЕУ, била околу 30 милијарди долари во 2012-та. Трговската размена преку интернет отворила околу 4 милиони работни места во Европа и во Америка, но по скандалот со прислушувањето на американската Национална агенција за безбедност, нарушена е довербата што негативно влијае на трговијата.

„По случајот со Национална агенција за безбедност, нашето истражување покажа дека скандалот има влијание врз американските компании што тргуваат со странство“, рече Мередит Броадбент, претседавач на американската комисија за меѓународна трговија.

„Важно е да се обезбеди рамка што ги штити нашите права, ќе ја подобри довербата и со која ќе се избегне недовербата меѓу нашите граѓани и политичари“, рече Антонио де Лејси, советник за економски и финансиски прашања во Канцеларијата на Европската комисија во Вашингтон.

Одвреме навреме, дигиталната трговија е цел на хакерски напади, па компаниите како IBM што имаат канцеларии во 107 земји во светот работат на подобрување на заштитата на податоците на клиентите.

„Знаеме дека безбедноста и приватноста се многу важни и затоа сериозно ги сфаќаме во IBM. Креираме технологија за обезбедување на податоците на клиентите, работиме со нив да им објасниме за важноста на заштитата на трговијата преку интернет и обезбедуваме сервис и услуги да им помогнеме при заштитата“, изјави Стив Стјуард, Директор за дигитален пристап и трговија на IBM.

Новиот Претседател на ЕК Жан Клод Јункер во својата програма предвидува дигиталната размена меѓу ЕУ и САД да порасте на 250 милијарди долари до 2016-та, што ќе овозможи поголем економски раст и нови работни места. Во првите 3 месеци од својот мандат, Јункер планира формирање на единствен дигитален пазар во Унијата.

Најголемата трговска размена во светот е токму меѓу САД и ЕУ.

Ирина Гелевска