Иванов: Се оствари вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода
На свечената академија по повод Денот на револуционерната борба Иванов зборуваше за Патот до слободата што го започнаа шестмината родољуби, го изодеа и илинденците и АСНОМ-ците и комитите и партизаните. Патот до слободата што го завршија македонските граѓани на 8 септември 91-та.

Како што болниот од Босфорот ги губеше териториите, а народите во Австро-Унгарија добиваа сè пошироки културни автономии, се рашири очекувањето дека со почетокот на 20 век, ќе дојде нова епоха, епоха на слободата. Само седум години пред почетокот на новиот и надежен 20 век, шестмина Македонци се собраа на едно место и рекоа: тоа што го имаат другите европски народи ќе го имаме и ние – слободна и независна македонска држава. Ова е пораката што ја пренесе Претседателот Иванов, а што ја испратија револуционерите пред 121 година.
„Со Декларацијата на независноста што е положена тука, на ова место, се оствари вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода и зачувување на својот идентитет, стремеж за создавање на сопствена, самостојна, суверена и демократска држава Република Македонија“, рече Ѓорге Иванов, претседатеч на Република Македонија.
На свечената академија по повод Денот на револуционерната борба Иванов зборуваше за Патот до слободата што го започнаа шестмината родољуби, го изодеа и илинденците и АСНОМ-ците и комитите и партизаните. Патот до слободата што го завршија македонските граѓани на 8 септември 91-та.
„Од ова место, од Република Македонија ние мораме да имаме заеднички стратегиски цели за нашата европска и евро-атланска иднина. Нам ни е неопходна сплотеноста меѓу власта и опозицијата, меѓу Македонците и Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците, меѓу христијаните, муслиманите, евреите и атеистите за да успееме да истраеме во нашата цел“, рече Иванов.
На свеченоста во музејот на Македонската револуционерна борба присуствуваа претставници на дипломатскиот кор и домашни гости кои со своето дело изминатите години значително придонесуваа за афирмација на македонските културни вредности во Европа и светот.
Анита Димитријевска
