Што ќе донесе спојувањето на ОНЕ и ВИП?
Со пад кај вкупниот број на корисници и кај уделот во пазарот, како и со намалени приходи и капитални инвестиции, операторот ВИП го комплетираше третиот квартал од годинава. Компанијата го објави финансискиот извештај со објаснување – намалувањето на приходите, кои достигнаа 17 милиони евра, се должи на пониските цени, жестоката конкуренција и на трошоците за субвенционирање на паметни телефони за корисниците, со што заработката во последните три месеци е помала за 15 проценти во однос на истиот период лани.

Од компанијата велат дека силната регулација и премногу ниските цени за мобилна комуникација ги поткопуваат финансиската сила и потенцијалот за инвестирање на операторите, но и дека можности за раст гледаат во понудата на конвергентни услуги за корисниците.
Сепак, подобри резултати можат да се очекуваат доколку се реализира најавеното спојување со ОНЕ, кое се очекува да биде финализирано до средината на ноември. Зелено светло за ваков чекор треба да дадат и надлежните институции, кои пред да се запознаат со деталите не сакаат јавно да коментираат што ќе значи ова за домашниот телекомуникациски пазар. Според дел од познавачите на приликите, доколку се реализира најавеното спојување, на пазарот ќе се отвори простор за влез и на нов мобилен оператор. Но, тоа може да биде удар за Т-Мобиле, бидејќи новиот ентитет што би го создале ВИП И ОНЕ ќе има поголем број на корисници. Ако се анализираат податоците на АЕК од првиот квартал, 47% од претплатниците се кај Т-Мобиле, речиси 28% кај ВИП и 24% кај ОНЕ, па со фузијата, новата компанија ќе контролира повеќе од половина од пазарот.
Мартин Пушевски