Стигнаа резултатите од ДНК анализата за случајот Дениса

23.10.2014 17:24

Пристигнаа резултатите од ДНК анализата од Грција. Ниту семејството ниту министерството за внатрешни работи не поттврдуваат дека станува збор за Дениса Маркоска

Семејството на прилепчанката Дениса Маркоска утринава ги добило резултатите од ДНК анализата од Грција. Родителите во шок не сакаа да дадат изјава што точно им било соопштено. Денеска во нивната куќа беа собрани повеќе роднини и пријатели. Нивна роднина со плачење само излезе во дворот и ни соопшти дека денеска им ги соопштиле добиените резултатите и понатаму не сакаше да коментира ништо.

И од МВР и од МНР изјавија дека преку Интерпол Грција утринава пристигнале резултатите во Македонија, кои биле доставени до семејството. Но ниту полицијата ниту Министерството за надворешни работи официјално не потврдуваат дека пронајденото тело кај грчкиот остров Карпатос на 4 октомври, е тоа на Дениса.

Според наши неофицијални информации анализата покажала дека трупот е на Маркоска која на 12 септември мистериозно исчезна од бродот Серенисима кој во моментот на нејзиното исчезнување пловел помеѓу островите Родос и Крит. На 7 октомври беше земен ДБК примерокот од родителите, кои за оваа информација чекаа повеќе од 2 недели. Никој не соопштува сега во која насока ќе се одвива случајот.

Претходно нејзиното семејство бараше да се направи ДНК анализа и споредба на материјалите тука во Македонија, а не само во Грција. Што ќе се случува понатаму останува да се дознае во наредните денови, инаку како што соопштуваат од МНР според законските одредби тие веќе биле во фаза на подготвување на спроводница за да телото од Грција се донесе во Македонија.

Дарко Штаргоски