Спречен обид за филмски грабеж во маркет
На македонскиот Бони и Клајд во неуспешниот грабеж им помогнале уште двајца. Во полициска станица го признале и опишале делото, но не го откриле идентитетот на пријателите...

Бони и Клајд, секогаш успешни во грабеж на маркети и банки. Нивната македонска копија, уште на првиот обид била фатена. Вработена во скопски маркет заедно со нејзиното момче кој користел дозволено отсуство од затвор, решиле да го соберат дневниот промет. Помош побарале од двајца пријатели. Се било испланирано да се случи пред затварањето на маркетот.
„Прво пријавениот заедно со уште две непознати лица, од кои едното влегло во маркетот маскирано и се скрило зад пултот во маркетот, чекале на договорен сигнал од второ пријавената, која била вработена во маркетот и во љубовна врска со прво пријавениот, за моментот кога ќе се носи собраниот дневен промет во собата со сефот“, изјави Дејана Недељковиќ, советник за односи со јавност во МВР.
Нејзината порака била сигналот да се стартува со грабежот. Маскираниот кој бил внатре со нож им упатил закани на продавачите, по што ги собрал ќесите во кој имало 5 милиони и 300 илјади денари промет и избегал. И другите се приудружиле во бегството. Неколкумина вработени се стрчале по нив. Крадците се исплашиле и парите ги оставиле на паркинг.
На македонскиот Бони и Клајд во неуспешниот грабеж им помогнале уште двајца. Во полициска станица го признале и опишале делото, но не го откриле идентитетот на пријателите.
Момчето на продавачката е на издржување 3 годишна казна во кумановскиот затвор, што ја заработил за разбојништво. Имал уште 15 месеци до слобода.
Наташа Гркова Петрушева
