Криминалот и тероризмот современи предизвици за криминалистиката
Заклучок од денешната конференција „Криминалистиката во борба против современиот криминалитет“ е дека мора да се разговара за да се има напредок и во теоријата и во праксата кога станува збор за криминалистиката...

Веднаш да се дејствува кога ќе се констатира нечие учество во паравојска – Тероризмот на Балканот станува се поактуелен откако се поголем број млади заминуваат да војуваат во муслиманските држави. „Кога ќе се вратат овде ќе претставуваат голем проблем“ смета професорот Бранислав Симоновиќ.
„Важно е нашите безбедносни агенции да имаат списоци на тие луѓе, да се влијае на младите кои се потенцијални жртви за врбување да одат таму и да разберат дека со тоа го уништуваат својот живот и оти тоа не е идеја која треба да се шири и да се гине за погрешни идеали“, вели Бранислав Симоновиќ, професор на правниот факултет во Крагуевац.
Професорот Златко Димовски од Факултетот за безбедност во Скопје вели дека не е доволно само да се констатира дека наши државјани учествуваат на странските боишта, туку навреме да се идентификуваат и кога ќе се добијат сознанија веднаш да се дејствува.
„Процедурата за прием во една криминална организација, а не пак во терористичка , не е така лесна како што ние замислуваме, без претходно да има некоја база на лица кои што ќе упатуваат и ќе им даваат насока каде да се движат. Во тој правец треба да дејствуваме, да откриваме од каде се протежира таа активност, како и од каде се подготвуваат тие лица“, вели проф. д-р Златко Димовски од Факултетот за безбедност во Скопје.
За професорот Мавер Дарко, важно е дека има размена на мислења во насока на успешна борба против криминалот.
„Во Словенија криминалистиката не се смета повеќе за наука, таа е вклучена во криминологијата, со што се потценува овој важен дел од криминолошкото истражување и успешната борба против криминалот“, вели Мавер Дарко, пофесор на Универзитот Марибор, Словенија.
Македонската полиција секојдневните активности ги втемелува во националниот разузнавачкки модел.
„Се работи за современ пристап во полициското работење воден од разузнавањето на криминалот што денес во глобални рамки претставува врвен интелектуален императив за сите полиции во светот, преку кој се дава прецизна структура, темелна анализа и структурно познавање на криминално релевантните фактори, феномени и социјални консеквенци кои се последица од активностите на транснационалните организирани криминални групи“, рече Гордана Јанкулоска, министер за внатрешни работи.
Заклучок од денешната конференција е дека мора да се разговара за да се има напредок и во теоријата и во праксата кога станува збор за криминалистиката.
Наташа Гркова-Петрушевска
