Сите три хоспитализирани деца имаат нетипични симптоми на западнонилска треска

24.10.2014 16:51

Сите три дечиња имаат нетипични симптоми на западнонилска треска. Обично се развиваат симптоми на настинка, а ретко може да се развие тешка болест како воспаленија на мозокот...

Се подобрува здравствената состојба на пет годишното дете кое вчера попладне со симптоми на западнонилска треска беше хоспитализирано на Детската клиника. Детенцето брзо реагирало на терапијата, докторите се сомневаат дека можеби било касното од друг инсект, а не од комарец кој ја пренесува оваа болест. Родителите рекле дека не патувале во Грција. За што станува збор ќе покажат резултатите.

„Брзо изреагира на терапијата, веќе е будно и прави обиди да стане и да се движи што е многу добро во однос на тоа што можеше да се очекува за кондицијата на ова дете. Тоа упатува дека најверојатно во овој случај нема да излезе западно нилска треска, обично симптомите на повлекување не одат така брзо, со искуството што го стекнавме со претходните два случаи“, рече д-р Апсазија Софијанова, директор на Детската клиника.

За една недела кај две дечиња лабораториски беше потврдено дека се заболени од западнонилска треска. И двете се во добра здравствена состојба, едното е пуштено на домашно лекување. Родителите велат не се загрижени од болестите, кое ги носи модерното време, климатските промени и режимот на исхрана.    

„Безбедно е. Државата има рамки затоа, мерки. Така што се е под контрола. “

„Нормално ќе се грижиме, ама немаме такви болести“, велат анктетираните родители.

Сите три дечиња имаат нетипични симптоми на западнонилска треска. Обично се развиваат симптоми на настинка, а ретко може да се развие тешка болест како воспаленија на мозокот.

Западно нилската треска не се пренесува од човек на човек, туку преку убод од комарец. Најризични категории се постарите лица, децата и луѓето со намален имунитет.

Андријана Атанасовска